Македонската економија годинава ќе има раст од 1,3 отсто, предвидува во новата проекција Европската банка за обнова и развој. Во последниот извештај, ЕБОР пишува дека Македонија во првата половина на 2011 година имала силен раст поттикнат од зголемениот извоз, истиот забавил во втората половина од 2011 година и во почетокот на 2012 поради случувањата во еврозоната.
-Надворешните влијанија ќе продолжат негативно да влијаат врз економијата во Македонија и растот на БДП од ланските 3 проценти, годинава ќе се намали на 1,3 процент. Земјата се уште има пристап до официјалните извори за финансирање и до меѓународните финансиски пазари на капитал, стои во извештајот.
Македонија годинава ќе забележи најголем раст меѓу земјите во регионот. Проекцијата за растот на Албанија, Бугарија и на Романија е 1,2 проценти, 0,4 проценти е за Босна и Херцеговина и за Црна Гора, а 0,1 отсто за Србија. Растот на економијата во регионот на Југоисточна Европа ќе биде еден процент.
Претходната проекција на ЕБОР за растот на Македонија беше 1,8 проценти, за Црна Гора 1,9, за Албанија и за Бугарија 1,2 отсто, 1,1 отсто за Србија, 0,8 за Романија и 0,5 проценти за Босна и Херцеговина.
Во 2013 година, според новата проекција, растот на БДП во Македонија ќе биде 2,6 проценти.












