Ватерполо натпреварот меѓу репрезентациите на Македонија и Грција најверојатно ќе се игра во Олимпискиот базен во Скопје,  соопшти генералниот секретар на пливачката и ватерполо федерација, Стефан Пуленковски, додавајќи дека во моментов се полнат двата големи базени, „Карпош“ и Олимпискиот базен во Скопје.


Двоумењето за тоа на кој базен да се одигра натпреварот против Грција доаѓа од неколку причини. Прво, од бројот на публика, бидејќи Карпош базенот може да прими публика од 750 лица а Олимпискиот базен 2000 посетители ако се доградат дополнителни трибини.

Втора причина е заинтересираноста за овој натпревар и најважната работа безбедноста бидејќи сепак се работи за репрезентацијата на Грција, и меч од ризик. Олимпискиот базен е многу побезбеден бидејќи публиката е одвоена од базенот на поголемо растојание отколку во базенот „Карпош“.

Стеван Нонковиќ, селекторот на Македонската ватерполо репрезентација изјави дека на натпреварот против Грција, Македонија ќе биде засилена за уште еден играч, Здравко Делаш кој игра на центарската позиција во Лацио, и родум од Сплит.

Натпреварот од Светската златна лига против репрезентацијата на Грција ќе се одржи на 16 март во Скопје.

Ohridnews
извот: „Макфакс“