Следните два месеци ќе бидат одлучувачки за НАТО аспирациите на земјите од Јадранската група, кои како никогаш досега имаат сериозна шанса за членство во Алијансата.

Ова беше истакнато на неформалната средба на министрите за надводешни работи и за одбрана на Македонија и Албанија, Антонио Милошоски, Бесник Мустафај, Лазар Еленоски и Фатмир Медиу што денеска се одржа во ресторанот Далга во Охрид.

Шефот на македонската дипломатија, истакна дека соработката помеѓу двете земји е пример за регионот, но и порака до Советот за безбедност на ОН, што е можно побргу да биде решен идниот статус на Косово. “Ние се рабира не одлучуваме за идниот статус на Косово, но знаеме што е најдобро за регионот и во секој случај подобро е да се утврди статусот отколку да имаме сатус-кво ситуација“, рече Милошоски.

Неговиот албански колега  Мустафај истакна дека Косово е веќе независно и дека останува само тоа да се формализира.


Министрите Мустафај, Милошоски и Медиу

Министерот за одбрана на Македонија Лазар Еленоски истакна дека реФормите во одбраната течат со очекуваното темпо што според него било позитивно оценето и од Брисел. Еленоски рече дека трансформацијата на оружените сили е завршена, но дека тоа е само еден дел од градењето на модерна армија. Тој најави дека пред Македонија сега е исправен  пред нов предизвик, а тоа е опремувањето на пешадискиот батаљон на АРМ.

Добивањето на покана за НАТО бара интензивна дипломатска активност на владите на двете земји, но и заложба на регионот за решавање на сите отворени прашања, како што е косовското, истакна албанскиот министер за одбрана  Медиу. Тој рече дека “2007-ма е година на Балканот за членство во НАТО, приближување до ЕУ и решавање на статусот на Косово.

На неформалната билатерaлна средба беше речено дека Хрватска не се издвојува на патот кон НАТО и беше најавено дека на 10 мај во Загреб ќе се одржи средба помеѓу министрите за надворешни работи и премиерите на Хрватска, Албанија и Македонија. На средбата беше најавено дека наскоро македонскиот премиер Никола Груевски ќе ја посети Албанија.

Г. Момироски
Фото: С. Костоски