Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обезбеди кредит до 37 милиони евра за изградба на првата интерконекција на електрична енергија помеѓу Албанија и Македонија, како и за подобрување на мрежата на МЕПСО.
Овој проект е дел од иницијативата на Европската Комисија, за воспоставување на пренослив коридор на електрична енергија исток-запад, помеѓу Бугарија, Македонија, Албанија, Црна Гора и Италија, вклучувајќи го и планираниот подморски кабел од Црна Гора кон Италија. Ова претставува важен чекор кон воспоставување на регионалниот пазар на електрична енергија. Ефикасноста на компонентите на мрежата, реализирани од МЕПСО, ќе обезбедат пренос на енергетски ефикасна електричната енергија и користење на најдобрите расположиви технологии.
„Поддршката на круцијалната меѓугранична инфраструктура и создавањето на поголеми интегрирани енергетски пазари, ја зголемува безбедноста на енергијата. Тоа претставува еден од приоритетите на ЕБОР, во енергетскиот сектор на Западен Балкан“, се вели во соопштението од ЕБОР.
Банката ќе обезбеди кредит на Македонскиот оператор на електо-преносниот систем (МЕПСО), акционерско друштво, одговорно за пренос на електрична енергија и контрола на електричната енергија во земјата. Финансирањето ќе ја поддржи изградбата на македонскиот дел од планираната прекугранична конекција со електрична енергија од 400kV. Истото ќе послужи за изградба на инфраструктурата на пренос, од југо-западниот дел на земјата, од Битола, до албанската граница, со подстаница во Охрид, проследено со имплементирање на компоненти на ефикасност на мрежата.
МЕПСО ќе ја користи и новоразвиената платформа за електронско тендерирање со клиенти (ЕТК) за договори за тендери, со цел да ја зголеми транспарентноста и ефикасноста на работењето. Проектот доби техничка помош од Инвестициската програма на Западен Балкан (ИПЗБ) за финансирање на студија на изводливост, проценка на еколошкото и социјалното влијание, и подготовката на главниот нацрт на проектот. Независно од ова, ЕУ го кофинансира новиот проектот со грант од 12 милиони евра, обезбедени од Пред-пристапната програма за Западен Балкан за 2015.
ЕБОР започна да инвестира во македонската економија во 1993 година. До денес во земјата, има потпишано над 90 проекти од јавниот и приватниот сектор во вредност од над 1,5 милијарди евра.
OhridNews
Извор:„Макфакс“