Со средба на Охридското Езеро, претставници на Државниот инспекторат за земјоделство на Република Македонија и Инспекторатот за рибарство на Р.Албанија, ја најавија заедничката борба против рибокрадците и криминалците.

-Овој настан значи меѓусебно зближување, градење на доверба и соработка. Од денеска почнуваме со заеднички контроли според Законот за рибарство и аквакултура од двете страни на езерото заедно со граничните полиции и инспекторатите од Р.Македонија и Р.Албанија. Го стеснуваме обрачот така да рибокрадците ќе се најдат во безизлезна ситуација.– изјави директорот на Државниот инспекторат за земјоделство на Република Македонија, Румен Стаменов.

Првиот човек на инспекторатот за земјоделство истакна дека во соработка со концесионерот на Охридското Езеро и со заедничкото делување со албанската страна ќе има подобра заштита на рибниот фонд.

Од подрачната единица на Државниот инспекторат за земјоделство во Охрид, истакнаа дека во 2013 година со засилените мерки на концесионерот и државните институции рибокрадството е намалено за 80 проценти.

-Оваа година во водите на езерото запленети се преку 2380 мрежи, поднесени се 4 кривични пријави, 147 прекршочни пријави, издадени се 187 платни налози во вредност од 115.000 евра-изјави Јован Бoјчески, раководител на подрачната единица на Државниот инспекторат за земјоделство на Република Македонија.

OhridNews