Ракометните федерации на Македонија и Словенија заедно ќе конкурираат за организација на Европско првенство. Се уште не е прецизирано кое, односно дилемата е дали 2022 или 2024 година.

Информацијата ја потвдрди куќата на ракометот во Македонија со официјално соопштение до јавноста. – Ракометната Федерација на Македонија официјално ја испрати својата кандидатура до ЕХФ, а тоа ќе се очекува да го направат и останатите земји кои ќе конкурираат за организација на овие првенства. Од почетокот на 2018 година, ЕХФ ќе почне да ги разгледува сите пристигнати кандидатури, а конечната одлука ќе ја даде на Годишниот конгрес во Глазгов на 18 и 19 јуни 2018 година.

Ракометната Федерација на Македонија во последните години ужива огромна доверба од ЕХФ и ИХФ во однос на организација на настани од меѓународен карактер, за што потврдуваат честите беспрекорни организации на континенталните и светски собири во младинските категории, како и престижното признание за ТОП Организатор кое и беше доделено на Ракометната Федерација на Македонија од ЕХФ во 2015 година.

Македонија и Словенија ќе имаат доста добра конкуренција за ЕП во 2022 или 2024 година, бидејќи апликанти се земји како Шпанија, Франција, Данска, Германија и други.

Во случај Македонија и Словенија ја добијат задачата да организираат континентален собир завршните мечеви ќе се играат во Словенија, бидејќи имаат сала со поголем капацитет од 10 000 гледачи.

OhridNews