Министрите за правда на Република Македонија и на Црна Гора, Блерим Беџети и Душко Марковиќ, во рамки на Форумот за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен балкан, што се одржува во Охрид, денеска потпишаа Договор за екстрадиција на граѓани со двојно државјанство, осудени за тешки кривични дела.

– Овој договор е значаен како за државите, нејзините граѓани, но и за регионот, оттаму што тој ќе овозможи поеификасна борба против криминалот, истакна министерот Беџети по потпишувањето на договорот.

Министерот за правда на Црна Гора, посочи дека орагнизираниот криминал и корупцијата денес се најголемите предизвици не само на земјите од регионот туки и на светот воопшто.

– Со договорот го стеснуваме просторот за криминалците, тие нема да можат да се штитат со државјанството, ниту пак ќе бидат заштитени од националните законодавства од достапноста пред правдата,  рече Марковиќ.

Македонија во август потпиша договор за екстрадиција на осудени лица и со Република Хрватска, а се најавува потпишување на ваков документ и со Република Србија.

OhridNews