Македонија има квалитетно, здравствено безбедно и исправно млеко, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски по денешната посета на млекарниците Идеал Шипка, Битолска ИМБ и ЦЕРМАТ во Битола.

Како што рече на средба со новинарите, Димовски сакал лично да се увери во квалитетот на млекото и процесот на производство, но и да слушне за плановите на компаниите чија основна дејност е откуп и преработка на млеко.

Тој во Битола беше придружуван од директорот на Агенцијата за храна и ветерина Дејан Рунтевски, кој истакна дека контролите за испитување на квалитетот на млекото се зајакнати. Секоја пратка пред да се пушти во промет се проверува и затоа секој потрошувач треба да биде сигурен во квалитетот на производите.

– Посетата на пелагонискиот регион за нас е уште една гаранција за безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи што се пласираат на македонскиот пазар. Информирани сме за дополнителните мерки за безбедност што самите компании ги воведуваат во процесот на производство, што значи потрошувачите може да бидат целосно безбедни од производите што нашите млекарници ги пласираат на домашниот пазар, рече Рунтевски.