Граѓаните денеска ќе одлучуваат на кого ќе му дадат мандат да раководи со државата во следните години на петтите по ред претседателски и третите предвремени парламентарни избори. Гласачките места треба да бидат отворени од седум часот, а гласањето ќе трае до 19 часот.

Граѓаните на претседателски избори ќе одлучуваат кој ќе биде претседател на државата помеѓу двајца кандидати. Во вториот круг од претседателските избори за претседател ќе биде избран кандидатот кој ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело. 

Народните избраници добиваат мандат во Собранието на Република Македонија според пропорционалниот модел, додека пратениците од дијаспората се избираат според мнозински модел.  Територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици и во секоја се избираат по 20 пратеници, а три пратенички места добива дијаспората од трите изборни единици Европа – Африка, Северна и Јужна Америка и Азија и Австралија, со што бројот на пратеници во Собранието изнесува 123 народни избраници. За предвремените парламентарни избори поднесени се 14 листи со кандидати за 123 пратенички места за кои ќе се борат пет коалиции и девет политички партии.

Изборите во дијаспората се одржаа вчера.

Според податоците од Државната изборна комисија изборите ќе се одржуваат во 3.480 избирачки места во земјата каде право на глас на претседателските избори имаат 1.779.572 избирачи, а во избирачкиот список за парламентарните избори своето право ќе го искористат 1.780. 128 избирачи.
 
Претседателските и предвремените парламентарни избори ќе ги следат 9952 акредитирани домашни и 550 странски набљудувачи.

OhridNews