Македонските туристички потенцијали ќе бидат претставени на 7 саеми за туризам во првите три месеци од 2016 година.
Според известувањата кои ги има објавено Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, прв на распоредот за саемски претставувања ќе биде саемот „Vakantiebeurs“ во Утрех, Холандија, кој ќе се одржува од 12-ти до 17-ти јануари. По него следува саемот „EMITT“ во Истанбул, Турција кој ќе се одржува од 28-ми до 31-ви јануари.
Од 4-ти до 8-ми февруари, македонските туристички богатства ќе бидат промовирани пред посетителите на саемот за туризам „Brussels holiday fair“ кој ќе се одржува во Брисел, Белгија.
Македонија ќе има промотивен штанд и на саемот за туризам „Holiday i spa“ кој од 11-ти до 13-ти февруари ќе се одржува во Софија, Бугарија. Исто така Македонија ќе биде претставена и на саемот „IFT“, кој ќе се одржува во Белград, Србија од 18-ти до 21-ви февруари.
Од 9-ти до 13-ти март, со македонските туристички богатства ќе може да се запознаат посетителите на саемот за туризам „ITB“ во Берлин, Германија, а тримесечните саемски претставувања на Македонија ќе финишираат на самот за туризам „Mitt“ кој од 23-ти до 26-ти март ќе се одржува во Москва, Русија.
Инаку во текот на 2015 година, Македонија ги презентираше своите туристички можности на саемите во Утрех, Истанбул, Брисел, Софија, Белград, Берлин, Москва, Гетебург, Келн,Токио, Римини, Париз и Лондон.
OhridNews