
Предвидените активности се очекува да завршат во определениот рок, до јуни 2015 година, информираа експертите од Факултетот за земјоделски науки и храна и Земјоделскиот институт, кои денеска остварија состанок со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
Проектот „Македонски почвен информациски систем“ ќе чини 340.000 долари и се спроведува со поддршка на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО). Во реализацијата се вклучени и Македонската академија на науките и уметностите, Факултетот за шумарство, како и Природно-математичкиот факултет во координација со Министерството за земјоделство.
Системот ќе овозможи интеграција на почвите со други гранки во земјоделството и ќе биде основа за следење на промените како резултат на природен процес, интервенцијата на човекот и влијанието на климатските промени. На Министерството и на фармерите треба да им помогне во планирањето на видот и обемот на земјоделското производство, утврдувањето на погодните површини за засејување со одредени култури, одредувањето на ризикот од ерозија и суша, а ќе се користи и при развивање регионални планови за рурален развој.
-Изработката на почвената мапа и нејзината функционалност е од големо значење за градење стратегија во земјоделството со што ќе им се помогне и на земјоделците во заштитата и правилното искористување на почвениот потенцијал – истакна министерот Цветков.
Според него важно е да се напомене дека податоците од „Македонскиот почвен информациски систем“ ќе бидат јавни и достапни до сите заинтересирани институции и поединци преку интернет страницата на Министерството.
OhridNews
Извор:„МИА“












