Македонија наскоро ќе добие центар за трансплантација. Просториите ќе се наоѓаат во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје и таму ќе се вршат најсложени трансплантации на органи и ткива и најсложени хируршки зафати. Клиниката за трансплантација ќе има хируршки оддел, оддел за анестезија, лабараторија, хоспитален дел и одел за радиологија, најави денеска премиерот Никола Груевски. Тој посочи дека на последната седница на Владата е прифатен Законот за формирање Центар за трансплантација и е испратен до Парламентот. Усвоена е и програмата за трансплантација на бубрег, срце и црн дроб.

– Законот предвидува да се формира Центар за трансплантации во кој ќе влезат најдобрите научници, академици од МАНУ, врвни лекари, но и млад кадар кој ќе се обучува и каде ќе се врши трансплантација на  бубрег, срце и на црн дроб, изјави Груевски.

Премиерот нагласи дека по донесувањето на законот забрзано ќе се одвива формирањето на Центарот за трансплантација во Република Македонија.

– Во некои од околните држави нема вакви центри за трансплантација, така што овој центар ќе има потенцијал да привлече пациенти од некои од соседните земји од регионот, рече Груевски.

На последната седница на Влада, беше донесен предлог закон за центар за транспантациска медицина и хируршки болести со кој одвивањето на трансплантациите ќе се регулира со посебен закон и се донесе одлука со која основа, организација, и работа на универзитетската клиника за трансплантација на органи и ткива и хируршки болести во кој ќе се врши трансплантација и напредни хируршки интервенции.

Предвиден е буџет за старт на потребните работи од над еден милион евра (64 милиони денари). Ваков тип на клиники постојат во повеќе европски и светски земји, како Англија, Франција, Израел и други. Како што информираат од Владата,клиниката во Македонија ќе изведува врвна медицина и со неа ќе може да раководат членови на МАНУ, врвни искусни експерти, доктори и научници, а ќе биде ангажиран и млад кадар кој ќе соработува со афирмирани експерти од странски центри.

OhridNews