Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) со кој се воведува можноста за раѓање на дете за друг (сурогатство) е усвоен од Владата и доставен до Собранието на Република Македонија, информираше вчера министерот за здравство Никола Тодоров.

Според предлогот, „гестациски носител“ е жена која носи ембрион или фетус кој бил зачнат со постапка на биомедицинско потпомогнато оплодување и кој е добиен со спојување на јајце клетка и сперматозоиди на жена и маж кои се во брак и која ќе го предаде на брачната двојка детето по неговото раѓање.

Тоа може да биде жена од 25 до 50 години, мајка на најмалку едно дете, психо-физички здрава, македонски државјанин, да биде во добра психофизичка и општа здравствена состојба, да не и е одземено или ограничено родителското право, да не е казнувана за кривично дело со затвор над шест месеци, да не е душевно болно или лице со пречки во интелектуалниот развој, да не е зависник од дрога или други психотропни супстанции или алкохол, и да нема тешко хронично заболување или да не е болна од неизлечива заразна болест.  „Гестацискиот носител“ ќе може да роди само едно живо дете за друг, а за тоа нема да прима друг надоместок освен оној потребен за уредно водење на бременоста. „Гестацискиот носител“ ќе може да роди дете само за брачни двојки државјани на Република Македонија.

– Имајќи предвид дека постојат два вида на сурогат мајчинство – алтруистичко и комерцијално, нашиот концепт го втемеливме на алтруистичко сурогат мајчинство, со изречна забрана за комерцијално сурогат мајчинство. Концептот се темели на алтруистичко сурогат мајчинство, кое предвидува исплаќање на определени трошоци на сурогат мајката. Како материјални трошоци, кои се сметаат трошоците на гестацискиот носител за водење уреден живот, правилна исхрана и примање додатоци на исхраната потребни за одржување на бременоста, вежбање и психофизичка подготовка. Материјалните трошоци ги надоместува брачната двојка и тие на месечно ниво не можат да го надминат износот од една просечна плата исплатена во стопанството во РМ во претходната година.  За направените материјални трошоци, брачната двојка еднаш месечно го известува Министерството за здравство, со доставување на увид оригинални докази од направените материјални трошоци, истакна Тодоров.

За да се избегне комерцијализација на сурогат мајчинството со предложениот закон е предвидено кривично дело според кое ќе се казни со затвор од 6 месеци до 5 години  секој кој ќе бара или земе, односно понуди или даде паричен надоместок, пари, хартии од вредност, недвижен или подвижен имот, благородни метали или друга материјална корист) за спроведување на постапка на БПО со гестациски носител.
Исто така, брачната двојка не смее на гестацискиот носител да и даде подароци во вредност повисока од 100 евра во денарска противвредност сметано за целиот тек на постапката на БПО со гестациски носител и по породувањето.

Право да поведат постапка на БПО со гестациски носител имаат маж и жена кои се во брак и се државјани на Република Македонија, а причината за барање на сурогација може да биде жената од брачната двојка има вродено стекнато отсуство на матката или вродена аномалија на матката која не може да се корегира со модерни хируршки процедури, или некоректибилни оштетувања на матката како последица од неадекватно лекувани инфекции и нестручно изведени хируршки процедури и киретажи, потоа најмалку три неуспешни бремености на жената од брачната двојка, кога како причина за неуспехот се исклучени сите останати причини и фактори, освен оштетувања на матката.

OhridNews

Извор:„МИА“