Македонија ќе  користи германските искуства за одржливо искористување на културните и природните вредности во туристички цели. На оваа тема, меѓу другото, денеска во Охрид се дискутираше на првата „Германско-македонска конференција за одржлив туризам”, што ја организира Факултетот за туризам и угостителство од Охрид во соработка со Универзитет за применети науки „Еберсвалде“ од Германија. Овој прв заеднички проект финансиски е поддржан од Германската сојузна фондација за животна средина, а свои излагања на конференцијата покрај експерти од двете земји имаа и претставници од Германската амбасада во Скопје и од Локалната агенција за развој Струга.


Раководителот на секторот за меѓународни односи при Германската сојузна фондација за животна средина (ДБУ), Улрих Вите истакна дека германската помош значајно ќе придонесе за развојот на одржливиот туризам во охридскиот регион.

– Запознаени сме дека во Охрид доаѓаат многу туристи кои ја менуваат природната средина и затоа со нашето искуство што го имаме од интернационалните проекти сакаме да го поддржиме одржливиот туризам во овој регион, рече Вите.


Деканот на ФТУ од Охрид Сашо Коруновски предочи дека одржлив туризам значи одговорен туризам, што значи дека надлежните институции и сите чинители на туризмот треба одговорно да се однесуваат кон туристичките ресурси.

-На глобално ниво се движиме добро, но секогаш има место за кција во вистинска смисла. Еден таков пример е Националниот парк Галичица кој реализира бројни проекти во соработка со Факултетот за туризам, и тоа е насоката која треба да се следи, рече Коруноски.


Тој  нагласи дека соработката со германскиот партнер – универзтет од Еберсвелде ќе продолжи и на други полиња, пред се преку поддршка и стипендирање македонски студенти.

Во рамки на конференцијата се одржува и првата тренинг-програма на која учество зедоа 19 професори од ФТУ, како и други чинители вклучени во туристичката дејност од Македонија. Релевантните туристички теми ќе ги презентираат професори од мастер студиската програма „Менаџмент за одржлив туризам” на германскиот партнер универзитет.

-Целта ни е да учиме од германските партнери и да креирараме германско-македонска мрежа, која понатаму ќе функционира, истакна проф. д-р Јагода Стрезоска, координатор на проектот. За таа  цел во август во Германија  ќе се одржи втора тренинг сесија, на која ќе учествуваат претставници од ФТУ Охрид.


 Во рамки на проектот треба да се обучат најмалку 10 промотори за одржлив туризам кои стекнатото знаење ќе можат да го пренесат теоретски во студиските програми и наставата на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид односно практично при своето туристичкото делување во Македонија.

OhridNews