Македонија е меѓу водечките земји во светот во имплементација на одредбите од Монтреалскиот протокол за заштита на озонската обвивка, беше истакнато на годишниот состанок на Регионалната мрежа на Канцеларии за заштита на озонската обвивка на земјите од Европа и Централна Азија, што започна денеска во Охрид.
Состанокот кој е дел од одбележувањето на 10-годишнината на постоењето на Регионалната мрежа, го отвори Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми. Тој посочи во Македонија од пред 16 години постои канцеларија за имплементација на Монтреалскиот протокол кој е прифатен од сите држави во светот.
–Македонија е иницијатор за формирање на Регионалната мрежа на Канцеларии за заштита на озонската обвивка на земјите од Европа и Централна Азија и токму затоа јубилејот се одбележува во нашата држава. Ние сме меѓу најуспешните земји не само во регионот, туку и пошироко за што најголема заслуга има националната Канцеларија за заштита на озонската обвивка, која ги координира сите активности околу заштитата на озонската обвивка.-изјави министерот Адеми.
Раководителот на Канцеларијата за заштита на озонската обвивка, Марин Кочов, истакна дека Македонија до сега има имплементирано преку 40 проекти од областа на хемикалиите кои влијаат на озонот.
–Сите хемикалии на база на ЦФЦ познати како фреони се елиминирани стопроцентно пред пет години, а хемикалиите кои претставуваат замена на фреонот се елиминираат по 5 проценти секоја година, со обврска до 2020 година да отстраниме од употреба 35 отсто од овие хемикалии. Сите проекти за заштита на озонската обвивка се имплементирани, останува само сервисирањето на разладните системи и клима уредите кои ги употребуваме секојдневно, другото е се елиминирано и во тој поглед Македонија е број еден.-истакна Кочов.
На состанокот што се одржува во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Програмата за животна средина при Обединетите Нации (УНЕП), учествува и Марко Гонзалес, извршен секретар на УНЕП –Секретаријат за озон. Тој истакна дека меѓународната заедница го препознава придонесот кој Македонија го дава во заштитата на озонската обвивка.
-Македонија придонесува во меѓународните напори со тоа што ја менува технологијата во индусријата со технологијата која е поволна за озонот.-рече Гонзалез.
На собирот во Охрид учествуваат 90 учесници од земјите на регионот на Европа и Централна Азија, високи претставници на УНЕП/Секретаријат за заштита на озонската обвивка и на Мултилатералниот фонд на Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка, како и експерти од областа на управување на супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка од земјите на ЕУ и пошироко.