Приоритет на Македонија во следниот период ќе биде зголемување на сопствените капацитети за производство на електрична енергија и поголемо искористување на изворите на обновлива енергија, најави Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој денеска во Охрид го отвори 10-то јубилејно советување на Здружението на инженери „Мако Сигре“, на кое главна тема ќе биде енергетиката.

Ќе разговараме со нашите и компаниите од странство со цел да работиме на значително зголемување на домашното производството на електрична енергија, а намалување на увозот и вториот момент дека една од стратешките определби на владата се чист воздух и чиста вода, што значи дека во Македонија ќе помогнеме и ќе инвестираме во обновливи извори на енергија што ќе помогнат во намалувањето на загаденоста која ја имаме во градовите. – рече министерот Манчевски.


Дамјан Манчевски – Министер за информатичко општество и администрација

Македонија има сонце но производството на соларна енергија се уште е скапо за домаќинствата, а за изградба на нови хидроцентрали ќе требаат многу пари, сметаат експертите.

-Имаме малку неискористени потенцијали, остануваат за изградба скапите хидроцентрали. За жал Македонија не е богата со примарни ресурси, сончевата енергија нуди перспектива но засега не е конкурентна поради слабата економска моќ на населението, ветер немаме како земјите кои излегуваат на море и сметам дека уште долго ќе увезуваме енергија и се разбира ни останува да ги искористиме до крај резервите на јаглен кои ги имаме за производство на енергија во термоелектраните. – вели Рубин Талески, претседател на „Мако Сигре“.


Рубин Талески – претседател на Мако Сигре

Во рамки на 10-тото советување на МАКО СИГРЕ, КОНЧАР – Инженеринг за енергетика и транспорт (КЕТ) од Загреб и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) од Скопје потпишаа договор за соработка и донација на СЦАДА систем ПРОЗА НЕТ за „Центарот за трансфер на технологии и иновации“ (ИННОФЕИТ).  Договорот го потпишаа претседателот на Управата на КЕТ, Мишо Јурковиќ и Деканот на ФЕИТ, проф. д-р Димитар Ташковски. Соработката, покрај другото, опфаќа реализација на научно-истражувачки и развојни проекти, користење меѓусебни стручни знаења на стручните лица, опрема и лаборатории.

Овој проект е потврда на веќе традиционалната соработка на КОНЧАР со високообразовните институции. Се надеваме дека резултатите на заедничкото делување на овој план ќе доведат до унапредување на соработката на научните институции и субјектите од стопанството, но и поврзување со стручниот кадар во Македонија каде КОНЧАР е традиционално присутен. – изјави Мишо Јурковиќ, претседател на Управата на КЕТ.

-Науката и иновациите се клучни за развој на економијата. ФЕИТ, како еден од лидерите на подрачјето на научната дејност во Македонија, сноси голема одговорност во тој дел. Затоа, Факултетот со помош на Универзитетот и партнерските фирми инвестира во ИННОФЕИТ, центар од кој научно-истражувачките резултати ќе треба да се пренесат на националното стопанство. КОНЧАР е втората реномирана меѓународна фирма која ја потпомага оваа идеја. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на КОНЧАР за оваа донација и очекувам интензивирање на соработката во идннина. – истакна проф. д-р Димитар Ташковски, Декан на ФЕИТ. 

Потпишувањето на договорот го поздрави министерот Манчевски посочувајќи го за извонреден пример како приватниот сектор може да соработува со научниот сектор.

– Тоа е добар најава за тоа што ние планираме, а тоа е формирање на бизнис аксцелератот и бизнис парк кој што ќе им помогне на младите да почнат сопствен бизнис во делот на информациските и комуникациските технологии, иновациите и во делот на електро енергетиката. – додаде Манчевски.

Г.М.