Македонија се најде на 73 место (од 165 земји) според Индексот на демократија за 2012 година на лондонски Економист, пренесува „макфакс“.

Од регионот повисоко од Македонија се рангирани Србија (66), Бугарија (54), Хрватска (50), Грција (33), Словенија (28), а пониско ниво на демократија (според овој Индекс) имаат Црна Гора (76), Албанија (90), Босна и Херцеговина (98).

Највисоко рангирани се скандинавските земји. На врвот на листата се најде Норвешка, по неа Шведска, Исланд, Данска. Следат Нов Зеланд (5), Австралија (6), Швајцарија (7), Канада (8), Финска (9), Холандија (10).

Според Индексот на демократија на Економист за 2012, најнедемократска држава е Северна Кореја, а на дното се и Гвинеја-Бисау, Чад, Сирија, Саудиска Арабија, Туркменистан, Узбекистан.

Индексот ја мери состојбата со демократијата во 165 земји, и се базира на пет категории: изборен процес и плурализам, граѓански слободи, функционирање на власта, политичка партиципација и политичка култура.

Македонија од можни десет поени има вкупен резултат 6,16. За изборниот процес и плурализмот сме оценети со 7,75, за функционирањето на Владата со само 4,64, за политичката партиципација со 6,11, за политичката култура со 4,38. Највисока оценка Македонија доби за граѓанските слободи, 7,94.

Во годинешниот извештај насловен „Демократијата во застој“ се напоменува дека голем број од Западните земји се борат да ги задржат своите долгогодишни демократски системи поради политичките пресметки, како и жртвувањето на националните слободи во име на националната безбедност.

Така на пример САД се најдоа на 21 –то место на листата, зад Уругвај и Јужна Кореа.Во целост се нагласува дека демократијата на светско ниво во изминатата година бележи застој, затоа што не е забележан ниту позначаен напредок ниту пак застој во демократијата.

OhridNews

извор: „Макфакс“