
Саемот годинава одбележува 30 години постоење. Учество најавиле преку 900 изложувачи од целиот свет, а во фокусот е семејното земјоделство.
Според програмата, организирани ќе бидат повеќе од 80 работилници, дебати и презентации, обуки и предавања за вкусовите, за разликите меѓу природната, бавно подготвената и брзата храна. Посебен дел е посветен на манифестацијата „Арка на вкусовите“ каде што се раскажуваат индивидуални приказни за потеклото, начинот, квалитетот и за приготвувањето на прехранбените производи, нивното влијание врз културата, историјата, обичаите, навиките, менталитетот. Посетителите ќе може да дегустираат и разни пијалаци, специфични за поднебјето од каде што доаѓаат изложувачите. Предвидена е и посебна соба за пиво, која ќе нуди белгиски, шпански, британски, германски, скандинавски и новозеландски пива.
Годинава новина е школата за готвење, во чии рамки директно ќе се приготвуваат јадења од разни земји и култури.
Атрактивен ќе биде и делот резервиран за традиционални танци, настапи и перформанси, како и за ракотворби, везење, плетење, шиење…
Зад учеството на македонската делегација на „Салон дел густо – Тера Мадре“ стои „Слоу фуд -Македонија“, која го поттикнува одржливото земјоделство и работи на заштита на вкусовите и на биодиврезитетот.
OhridNews
Извор:„Дневник„












