Македонската женска кошаркарска репрезентација се пласираше во финалето од Европскиот шампионат за мали земји што се игра во Охрид. Во полуфиналната пресметка “црвено-жолтите“ ја совлада Шкотска со 80-61.


По изедначениот прв период во кој двата тима неизменично се менуваа во предноста со поените на Митрашиновиќ од линијата за слободни фрлања периодот го добивме 23-22. Одличната зонска одбрана во вториот период ја направи разликата.

Со ударите од далечина на Димоска, Тантуроска и Муса го полневме гостинскиот кош и на полувремето имавме предност од плус 17, 48-31.

По паузата споро влеговме во мечот и по серијата 10-2 “сините“ ја намалија предноста. Тогаш на сцена стапи капитенот Гаврилоска која во комбинација со Тантуровска повторно не однесе на безбедни 61-49 по три периоди игра.

Со рутинска игра во последниот период македонските девојки предводени од искусните Димовска и Гаврилоска го сведоа мечот до крајот.

“Покер“ македонски кошаркарки мечот го завршија со двоцифрен број на поени. Тантуровска 16, Димоска 18, Гаврилоска 17 поени и 12 скока, Муса 12 поени и 11 скока.

Противник на Македонија во финалето ќе биде Австрија.