Ракометната велесила Русија и во третиот обид не успеа да ја покори “Македонската фаланга“ на големо натпреварување. По ремито во Италија, и победата на Македонија во Хрватска бодовите двете селекции ги поделија во Севиља, Шпанија.
Избраниците на селекторот Ѕвонко Шундовски иако во текот на целиот натпревар имаа константна негатива во ниеден момент не се предадоа. Напротив секогаш ја анулираа предноста на русите, но никако неможеа да ја преземат контролата на играта и резулатот.
По почетното водство на Македонија, русите предводени од расположеното крило Дебиров и Левшин на голот стигнаа до предност 6-3. Следеше првиот тајм аут за Шундовски, по кој нашите репрезнтативци направија серија од 4-1 и во 13-та минута го изедначија резултатот 7-7.
Селекцијата на Македонија продолжи во одличен ритам, на голот за разбуди Ристовски, а Лазаров и Стоилов ја погодуваа мрежата на русите и стигнаа до првата опиплива предност 12-10.
Тогаш ракометарите одново влегоа во “црна дупка“ без постигнат гол. Русија тоа го искористи и направи комплетен пресврт 13-12. Следуваа промашен пенал и зицер на Македонија, по што уследи казна од “зборнајата“ која на одмор замина со плус 3 (16-13).
Почетокот на вториот дел им припадна на русите кои со серија голови стигнаа до најголемата предноста на мечот +6. Но и тогаш македонската репрезентацијата не се предаде. Лазаров ја оправдата капитенскате лента и кога беше најтешко ги завршуваше акциите со погодок.
Македонскиот бомбардер Лазаров голема помош во резултатскиот поход кон Русија имаше од Манасков, кој се разбуди во вистинско време и постигнуваше лесни голови, а дополнителен поттик селекција доби од голманот Митревски, кој во неколку наврати интервенираше бравурозно.
Во играта “гол за гол“ во последните десет минути подобро се снаоѓаше Русија, која константно имаше водсвто, а Македонија беше таа која бркаше поволен резултат.
Во завршницата од мечот Русија влезе со позитива од два погодоци (29-27), но со ракометар помалку во поле. Манасков прво го намали резултатот 29-28, рускиот напад беше запрен од брилијатниот Митревски, а голот вреден бод во дуелот со големата Русија беше дело на Георгиевски по несибичната асистенција на Лазаров.
Капитенот на македонската селекција мечот го заврши десет голови, Стоилов и Манасков постигнаа по пет. Голманите на македонската репрезентација искомбинираа 13 одбрани, но секоја во право време.
Петтиот натпревар во групата Македонија го игра в петок со почеток во 20:15 часот против стариот должник Данска.