Во тек се подготовки за усогласување на меѓувладин текст за вклучување на Република Македонија во регионалниот проект за гасификација „Јужен поток“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, по состанокот на Меѓувладината Македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка, која вчера и денес заседаваше во Охрид.


-Тоа е еден од стратешките приоритети за обезбедување на стабилност во снабдувањето со гас и воопшто за стабилноста на енергетскиот сектор во Република Македонија, истакна Ставрески.


Ставрески рече дека има позитивен прогрес во реализацијата на заедничките проекти помеѓу Македонија и Русија и во делот на затворање на клириншкиот долг на Русија кон Македонија кој изнесува 60 милиони американски долари, преку гасификација на Република Македонија, за што веќе се одржани средби на меѓудржавно ниво, а во тек е  усогласување на техничките детали.

Според Ставрески, Македонија и Русија бележат напредок во трговската размена, која оваа година е зголемена за околу 30 проценти, а посебно зголемувањето е изразено во делот на земјоделско прехрамбените производи.

Неодамна остваривме посета на Москва каде што беа потшпишани нови договори за извоз на македонски производи, целокупното производство на праските од Росоман се реализира во Руската федерација, добар дел од овошјето и зеленчукот од струмичкиот и другите региони оди на тој пазар, отворен е и пазарот за вино, одредени македонски производители веќе се присутни на рускиот пазар, имаме приуство и на фармацевстките компании пред се Алкалоид и други, така да мислам дека работите одат во позитивна насока. Но, секако што и ни беше укажано од руска страна, потребно е поголемо присуство на македонските фирми во внатрешноста на Русија, стратегија што ќе ја применуваме во наредниот период, бидејќи московскиот пазар е заситен и има голема конкуренција, додека во внатрешноста има недостаток на добри и квалитетни призводи по разумна цена и тука македонските производи би можеле добро да се пласираат, рече Ставрески.


Руската делегација на состанокот ја предводеше заменик министерот за регионален развој Максим Травников, кој ја истакна подготвеноста за продлабочување на економската соработка пред се во областа на енергетиката и можноста за вклучување на руски фирми во модернизацијата на енергетскиот систем на Македонија. Тој истакна дека голем потенцијал има и туристичката соработка.

 – Владата на Руската Федерација е подготвена да ги поддржи сите иницијативи за интензивирање на контактите со руските региони. Тука зборувавме за евентуална промоција на одредени македонски прозиводители на рускиот пазар како што се производителите на зеленчук, овошје, вино, се во насока на изнаоѓање на нови, досега неискористени можности, истакна Травников.

Во врска со потпишување договор за слободна трговија меѓу Македонија и Руската Федерација,  Травников истакна дека Руската Федерација го привршува приклучувањето кон Светската трговска организација, што како што рече, позитивно ќе влијае врз руско-македонската трговска размена.

Г. Момироски