Охрид од денес е домаќин на конференцијата посветена на Самитот во Велс, на резултатите од Самитот и на регионалната стабилност во Југоисточна Европа, на која учествуваат експерти од земјите од регионот, универзитетски професори, претставници на НАТО и на дипломатските претставништва во Македонија и политичари од 10 држави.
– Владата на Република Македонија и министерството за одбрана веќе почнаа да подготвуваат стратегија за презентирање на достигнувањата на Република Македонија , зошто таа треба да биде поканета да биде членка на НАТО, и кои се придонесите од ваквото членство за Македонија, меѓутоа и за целиот регион и за НАТО.Тоа е процес којшто перманентно се одвива и ќе продолжиме да работиме во таа насока, рече министерот Зоран Јолевски.
Според Ден Двиганс, директор на Алумни програмата од Џорџ Маршал Центарот, организатор на настанот, конференцијата во Охрид преку препораките кои ќе произлезат од дискусиите ќе ја зајакне и безбедноста на земјите од регионот .
– Собирот во Охрид е осмислен да ги даде препораките за идните активности. Тоа е се уште свежа материја која се обраборува, и се надеваме дека од дискусиите овде ќе произлезат добри препораки кои ќе придонесат за зајакнување на безбедноста во регионот, рече Двиганс.
Ставот на учесниците на регионалната средба е дека треба да им се даде поддршка и на останатите земји, да се избалансираат сите процеси и да се зајакнат капацитетите за интеграцијата во НАТО и ЕУ да биде компатибилен процес, успешен, во однос на интеграциите, како и во однос на квалитетот, стандардот, стабилизацијата на регионот.
Пораките од конференцијата во Охрид, ќе бидат проследени до НАТО, како и до Владите во регионот.
OhridNews