Македонија не е добра само во баскет туку и во решенија за развој на е- Демократијата, истакна Блажо Голоб, директор на SSE центарот е- Влада од Љубљана, на Втората конференција за е-Демократија, што се одржува во Охрид.


Денес голем проблем претставува немањето контакт помеѓу политичките елити и граѓаните. Во светот има 7 милијарди луѓе кои се менаџираат во 193 држави и голем предизвик е како владите управуваат со ресурсите и што прават за да ги задоволат барањата на граѓаните и стопанството за да се обезбеди подобра иднина. Македонската влада не само што има добри решенија за развој на е-Демократијата, туку успешно и ги реализира, истакна Голоб. Според него охридската конференција ќе придонесе за развој на е- Демократијата во земјите од регионот, особено поради високата стручност и компетентност на учесниците.


На конференцијата во Охрид се обрати министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, кој пред учесниците го презентираше проектот за оценување на администрацијата  преку системот „ Семафор на угледот“ кој како пилот проект е инсталиран во пет институции во Македонија. Тој најави дека за скоро време, надграден, овој систем ќе се инсталира во сите државни институции каде има шалтерско работење, што активно ќе влијае на еволуацијата на учинокот на вработените кои граѓаните ќе може да ги оценуваат преку интернет и мобилен уред.


-Доколку граѓанинот е незадоволен од услугата, а му е непријатно да реагира затоа што го познава службеникот, ќе може со бројот на предметот за кој аплицирал да ја оцени работата на шалтерскиот работник преку интернет, по што раководното лице кое два пати годишно врши оценка на работата на државните службеници ќе ги има предвид сите овие објективни индикатори, од што ќе зависи дали службеникот ќе напредува или не во кариерата и дали е потребна дополнителна обука за тој вработен во љубезност, етичност и слично, истакна Ивановски.


На дводневниот собир во Охрид на кој учествуваат делегации од парламенти, влади и службени весници од земјите во регионот на југоисточна Европа, Европската Унија, средниот Исток и Африка, ќе се дискутира за улогата на информатичката технологија во јакнењето на демократијата и транспарентноста на јавните институции.

Конференцијата е во организација на Некстсенс, Центарот за развој на е-Влада од Љубљана, со поддршка од Европската унија, Швајцарската агенција за развој и соработка , како и од Националниот демократски институт.

Г. Момироски