Иако на 2 минути и 36 секунди до крајот имавме водство од 7 поени, Британците успеаа да не стигнат и во последните секунди Денг со тројка го однесе натпреварот во продолжение. Натпреварот наликуваше на оној во Украина, со таа разлика што Британците на почетокот направија поголема разлика, дури и двоцифрена. Но, како одминуваше времето, нашата игра се консолидира и полека ја топевме предноста на домаќинот која на полувреме беше само +4.


Големи проблеми имавме со личните грешки, браќата Стојановски и Антиќ пред се, но и покрај тоа заигравме многу подобро и со голема самодоверба. Мираковски се разигра во вторите 20 минути и одлично се надополнуваше на МекКејлеб и Антиќ кои го полнеа кошот на Британците. Очекувано беше најголемата опасност да дојде од Луол Денг и Попс Менса Бонсу, но и останатите играчи во домашниот состав ни задаваа доста проблеми. Нејт Ренкинг во првото полувреме, а Саливан во второто, особено со офанзивните скокови не ни дозволуваше да направиме предност. Третиот период заврши со израмнет скор, 68-68.


Во последната четвртина, иако повторно со проблеми со личните грешки, заигравме најдобро во однос на целиот меч. МекКејлеб беше нерешлива загатка, погодуваа и Мираковски и Дамјан Стојановски, Антиќ, Чековски и Гечевски го контролира рекетот, но овој пат Денг и Попс беа тие што не дозволуваа да направиме поголема предност.

И со поените на МекКејлеб на 2,36 до крајот поведовме со 7 разлика и тука започна драма која имаше инфаркт завршница. Британците стигнуваа поен по поен, а на 11 секунди до крајот при резултат 85-84 за Македонија фаулиран беше Дарко Соколов кој ги погоди обете слободни фрлања, 87-84. Логичниот договор да се направи фаул пред Британците да упатат шут беше испочитуван и на 6 секунди до крајот Попс застана на линијата на слободни. Не успеа да го реализира првото, а повторно логично беше намерно да го промаши второто. И тука среќата ни го заврте грбот, одбиената топка низ рацете на многу играчи од двете екипи заврши кај Луол Денг, кој од 8 метри упати брз шут во очај и погоди за израмнување. Во преостанатото време од 2-3 секунди, по нашиот тајм – аут, МекКејлеб не реализираше и натпреварот отиде во продолжение.

Израмнувачките поени на Денг им дадоа крилја на Британците, а нашите сеуште во шок го започнаа продолжението. Без Антиќ, Дамјан и Војдан Стојановски, во игра останавме со три ниски играчи (Мираковски, Соколов и МекКејлеб) и со Чековски и Гечевски. Британците во 5-те минути доминираа во скокот и уште од стартот направија предност од 5-6 поени која за нас беше недостижна. Да биде денешниот пех уште поголем, Саливан постигна кош со звукот на сирената за конечни 104-96.

Лестер Бо МекКејлеб дебитираше во дресот на Македонија со 30 поени, 2 скока и 4 асистенции, Мираковски забележа 17 поени, Антиќ 16 и 5 скока, Гечевски постигна 12 со 6 скока, а Дамјан и Војдан Стојановски имаа 8, односно 3 поени. Очекувано кај Британците најдобри беа Денг и Менса Бонсу. Играчот на Чикаго Булс постигна 23 поеени, 11 скока и 9 асистенции, повеќето од нив кон Менса Бонсу кој реализираше 27 поени, 9 скока и 3 асистенции. Без разлика на учинокот на овие двајца играчи, веројатно сликата на В. Британија ќе беше поинаква без 17-те поени и 9 скока на Саливан, 11-те на Реинкинг и Кларк, кој притоа забележа и 7 скока.

Следното коло Македонија е слободна а наредниот натпревар нашите момци го играат на 14 Август во Скопје, со почеток во 20.45 часот. Противник е Босна и Херцеговина, која пак на 11 ќе ја пречека Велика Британија во Сараево.