Дел од проектите на македонската влада за развој на информатичкото општество ќе бидат ставени на агендата на Меѓународната комисија за широкопојасен интернет.

Министерот за информатичко општество на Македонија, Иво Ивановски, кој го презентираше проектот пред членовите на Комисијата за широкопојасен интернет, која заседава во Охрид, истакна дека неговата реализација ќе биде следена од  Меѓународната телекомуникациска заедница како глобален пример во насока на развој на информатичкото општество.

-Резултатите од спроведувањето на проектот за интернет-киосци во Македонија ќе бидат објавени во посебен извештај на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој, рече министерот Ивановски.

На состанокот на Комисијата за широкопојасен интернет, кој е во тек, се дискутира за стратегијата за развој на широкопојасниот интернет во светот, како и за влијанието и употребата на најновите телекомуникациски технологии во однос на климатските промени.