Репрезентацијата на Македонија успешно ја помина генералната проба за Европското првенство во Хрватска совладувајќи ја селекцијата на Србија со 32-29 (14-13) во контролниот меч кој две селекции го одиграа во Белград.
„Црвено жолтите“ ја забележаа втората победа во подготвителниот период, откако во првиот меч славеше против Саудиска Арабија со високи (37-21).
Водството во првото полувреме се менуваше, а на одмор со минимална предност (14-13) замина нашата селекција. Во вториот дел Македонија го контролираше резултатскиот тек, а пред почетокот на 50-та минута „црвено жолтите“ се одлепија на плус три (20-23). Во последните десет минути македонските ракометари ја задржаа позитивата и забележаа победа 32-29.
Голманите Никола Митрески и Борко Ристовски ја поделија минутажата по едно полувреме и имаа одличен учинок, додека во листата на стрелци се истакна Гоце Георгиевски со осум голови, Столе Стоилов реализираше пет, а Филип Талески четири голови со едно промашување.
OhridNews