Денес во Брисел ќе биде претставен Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија од кој се очекува повторување на препораката за почеток на преговорите за прием во ЕУ.

Во Извештајот ќе бидат содржани постигнувањата во однос на реформите, но и областите каде е потребен поголем напредок.

Еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, најави фер извештај базиран на факти, кој ќе го рефлектира напредокот на земјата во последните 12 месеци.

Според вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи, Извештајот ќе биде сличен на минатогодишниот и ќе претставува објективна слика за реалноста во земјата.

– Позитивни оцени треба да добиеме за успешно спроведените вонредни парламентарни избори, за работата на Парламентот, во делот на политичките критериуми, односно дека земјата ги исполнува Копенхашките критериуми, како и за хармонизацијата на законодавството со правото на ЕУ. Забелешки се очекуваат во делот на реформите во судството и администрацијата, каде ќе ни се укаже за потребата од забрзување на реформските процеси, како и имплементација на донесените закони. Во однос на медиумите ќе биде поздравен воспоставениот дијалог меѓу Владата и ЗНМ, изјави Арифи која потенцира дека деблокирањето на процесот на евроинтеграции зависи од решавање на спорот за името.

Пакетот документи со стратегијата за проширување, заедно со извештаите за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ и аспиранти за членство во Брисел ќе ги презентира еврокомесарот за проширување Филе.

OhridNews