Британскиот магазин „Економист“ пресмета дека за една година најмногу поскапеле горивата во Италија и во Унгарија. Со 10% раст на цените на горивата високо котираат САД, Канада, Шведска. Иако „Економист“ не ја рангира земјава, податоците од Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека Македонија е меѓу 10-те земји во светот со најголем раст на цената на бензините, анализира економскиот весник ,,Капитал”, во вчерашниот број.

Според него, Македонија е рамо до рамо со високоразвиените земји, како САД, Канада, Јапонија, Шведска и Германија, но не по економски раст, извоз или животен стандард, туку по растот на цените на горивата за период од една година. Анализата на британскиот магазин „Економист“ покажува дека за периодот февруари 2011-2012 година рекордно поскапеа бензините во Италија, дури 18% за една година. Зад рекордерот Италија се Унгарија, каде што бензините поскапеа за 17%, и Полска со 14%.

Меѓу 30-те земји од светот со рекордно поскапување на горивата на врвот се и Полска, Литванија, Ирска, САД, Словенија, но и Македонија. Иако „Економист“ никаде не ја сместува земјава во рангирањето, ако се анализираат фактичката состојба и податоците од Регулаторната комисија за енергетика, Македонија е меѓу 10-те земји од светот, бидејќи во периодот февруари 2011-2012 година бензините поскапеа за дури 9%.

Според анализата на „Економист“, направена врз основа на информациите од Ројтерс, Јапонскиот информативен центар за нафта, Австралискиот институт за нафта и Канадскиот центар за природни ресурси, помал раст на цените на горивата од Македонија имаат Грција, Луксембург, Австралија, Чешка, Норвешка, Литванија, Белгија, Шпанија и Австрија, каде што за една година бензините поскапеа за 7% и 8%. Бензините најмалку поскапеа во Јапонија (4%) и во Швајцарија (3%). Рангирањето покажува дека само во Франција бензините поевтиниле и тоа за 1%.

Во Македонија, пак, во февруари минатата година еуросупер од 98 октани чинеше 78,5 денари за литар, во време кога нафтата на светските берзи чинеше 106 долари за барел, а еден долар 45,04 денари. Во февруари годинава, литар бензин од 98 октани чинеше 85,5 денари, барел нафта 121,68 долари, а еден долар 46,48 денари.

OhridNews