Македонските туристички богатства за прв пат ќе бидат претставени на Интернационалниот саем за туризам „World Travel Market“ кој од 3-ти до 6-ти ноември 2014 година ќе се одржува во Лондон, Велика Британија.

-Свое учество на македонскиот штанд ќе имаат повеќе туристички агенции и компании од Македонија, кои на туристичките работници од Англија, Европа и Светот ќе им презентираат квалитетни понуди и атрактивни туристички производи од Македонија. Со оваа саемско промовирање се прават напори да се отвори уште еден туристички пазар со цел зголемување на бројот на странските туристи во земјава. Македонија е промовирана и во саемскиот бизнис каталогот, како и на онлајн промоција на официјалната страна на саемот, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Оттаму објаснуваат дека на саемското промовирање ќе се организира и дегустација на македонски вина, а на македонскиот штанд ќе бидат поканети тур оператори, новинари и посетители. Исто така во рамки на саемот, македонските претставници ќе остварат средби со претставници на Асоцијацијата на тур оператори од Англија како и со бројни  туристички професионалци.

Светската туристичка берза World Travel Market годинава слави љубилејни 35 години и ќе биде форум за презентација на 186 земји и региони со приближно 698 штандови и 4.903 излагачи од областа на туризмот. Ќе учествуваат околу 22.100 трговски професионалци, 8.544 купувачи и 2.888 новинари.

OhridNews