Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, пратениците Александар Спасеновски и Владимир Ѓорчев и министрите за здравство Никола Тодоров и за економија Ваљон Сарачини, денеска во Вашингтон ќе присуствуваат на годинашниот Молитвен појадок.

Националниот молитвен појадок е традиционален годишен собир под покровителство на претседателот Барак Обама, кој денеска ќе им се обрати на поканетите учесници. Најавено е дека Обама ќе биде придружуван од сопругата Мишел, како и од потпретседателот Џо Бајден.

Традицијата на собирање на истакнати претставници на политичкиот, верскиот, културниот и деловниот живот на заедничка молитва трае од 1953 година, од времето на претседателот Двајт Ајзенхауер.

Појадокот е отворен за претставници на сите верски групи и на разни политички определби. Стотина држави од светот се застапени на собирот на кој годинава се очекуваат над 3.000 учесници.

OhridNews
МИА