Амбасадата на Република Северна Македонија внимателно ги следи случувањата во Кран-Монтана и е во состојба на подготвеност да им пружи помош на своите државјани, стои во објавата на Фејсбук.

Во случај на потреба од асистенција, ве молиме контактирајте го итниот број на Амбасадата: +41 79 923 79 57, се посочува во објавата.

По трагичната несреќа во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, по која беше активиран европскиот механизам за цивилна заштита, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по остварена консултација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, Азир Алиу оствари телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.

Во рамки на разговорот, министерот Муцунски изрази искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, како и до народот на Швајцарија, упатувајќи желби за брзо и успешно закрепнување на повредените. Во таа насока, министерот ја изрази подготвеноста на Република Северна Македонија да прифати повредени пациенти, како и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи. Дополнително, министерот изрази подготвеност, доколку има потреба, македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на пациентите по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да се вклучат во процесот на лекување на повредените, посочуваат од Министерството.

Во трагичниот настан кој се случи за време на новогодишната ноќ во барот „Le Constellation“ во луксузниот ски центар Кран Монтана животот го загубија повеќе од 40 лица, а 115 беа повредени, Швајцарија прогласи петдневна жалост. Истрагата за несреќата и идентификацијата на жртвите продолжуваат.

OhridNews