Денот на македонската армија 18 Август, денеска беше свечено одбележан во Армискиот центар за обука на вода, во Охрид. На свеченоста се обрати Претседателот на државата и врховен командант Стево Пендаровски, кој на почетокот потсети на историските мигови од 18 август 1943 година, кога на Славеј Планина, охридско, бил формиран првиот баталјон именуван во чест на паднатиот борец и народен херој, член на Главниот штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди ‒ Мирче Ацев.

Формирањето на оваа прва голема воена формација е особено значајно и токму затоа, по прогласувањето на нашата независност, 18 август е избран како ден на современата македонска армија. На самите свои почетоци, Армијата започна скромно и во крајно неповолни услови и опкружување. Меѓутоа, за кратко време се консолидираше, а веќе во средината на 1990-тите отпочна со структурните реформи, со цел, да се трансформира во армија на идна земја членка на НАТО, истакна Пендаровски.

Членството во Алијансата е наш стар стратешки приоритет уште од почетоците на нашата независност, кога беше донесена Резoлуцијата за влез на земјата во НАТО, одлука која во 1993 година во тогашниот парламент беше поддржана од сите парламентарни партии. Во ноември 1995 го потпишавме Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир, а две години подоцна бевме примени и во Евроатлантскиот партнерски совет. Во јуни 1996 година ја отворивме Канцеларијата за врски, а при крајот на 1997-та и нашата Постојана мисија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година, на Самитот на НАТО во Вашингтон, се стекнавме со кандидатскиот статус за членство, по што започнавме со реализација на Акциониот план за членство. – рече претседателот Пендаровски.

Врховниот командант истакна дека до денес, оваа стратешка цел претставува еден од најголемите кохезивни фактори во нашето општество, поддржан од широк национален консензус зад кој стојат сите релевантни политички партии, огромното мнозинство граѓани од сите етнички заедници, а силна поддршка даваат и невладиниот сектор и бизнис-заедницата. По повеќе од две децении реформи и решавање на долгогодишниот спор околу името со Грција, со потпишување на Преспанскиот договор, дојдовме на само еден чекор до исполнување на целта за која напорно работевме толку години – Република Северна Македонија да стане 30-та земја членка на НАТО, додаде Пендаровски.

Нашата армија, преку десетици ротации и учество на илјадници свои припадници беше и сè уште е дел од многу меѓународни воени мисии, со долгогодишно присуство во меѓународните операции во Ирак, Авганистан, Либан, АЛТЕА во Босна и Херцеговина и како клучен сегмент, долги години, од статусот на земја ‒ поддршка на КФОР на Косово, покажувајќи дека можеме да бидеме интероперативни со армиите на сите партнерски земји и да ги исполнуваме обврските со цел ‒ придонес во колективните системи на одбрана и безбедност. – рече Пендаровски.

Ние, многу одамна, решивме да ги прифатиме вредностите на Северноатлантскиот договор кој нè обврзува да ги чуваме „слободата, заедничкото наследство и цивилизацијата на народите засновани на принципите на демократија, индивидуална слобода и владеење на правото“, како основа на системот на колективна одбрана и заштита на мирот и безбедноста, подвлече Пендаровски Со членството во НАТО ќе се зголеми нашата одговорност и кон граѓаните и кон сојузниците. Владеењето на правото е неопходен услов за функционирање на демократијата и за развојот на слободното општество. Затоа, наш апсолутен приоритет е да го издигнеме владеењето на правото во наша врвна вредност и да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите и во државата. Само на тој начин ќе бидеме одговорен и сигурен партнер и на нашите НАТО-сојузници, потенцираше претседателот.

Реформите во одбраната и во безбедноста се постојан процес и ние ќе продолжиме со нив и по членството во НАТО. Почитувани војници и старешини, како ваш врховен командант сакам да ви кажам дека секогаш ќе ја имате мојата поддршка за опремување и модернизација на вооружените сили, но и за подобрување на условите за живот и работа. Еден од приоритетите во овие реформски процеси ќе биде насочен кон декларираните НАТО-единици. Во овој контекст, целосно ги поддржувам заложбите на Владата, како идна НАТО-членка да издвојуваме 2% од БДП за инвестирање во одбраната и во рамките на моите надлежности ќе направам сè, оваа цел да ја достигнеме во предвидениот рок ‒ најдоцна до 2024 година. – порача Пендаровски.

Претседателот во обраѓањето по повод Денот на армијата најави дека како врховен командант ќе инсистира на подобрување на животниот и професионален стандард на војската.Тој ги одликуваше Сквадронот на транспортни хеликоптери и Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје со Орден за воени заслуги.

На денешната свеченост претседателот Пендаровски ја постави полковник Билјана Блажеска за Аѓутант на Врховниот командант на Вооружените сили на Република Северна Македонија во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.

Полковник Блажеска била учесник на повеќе меѓународни обуки и вежби како припадник на Армијата, вклучувајќи го учеството во меѓународната мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан во периодот од јуни 2018 до јануари 2019 година. Завршила специјализација за командни и штабни должности на Воената Академија во Скопје, курс за стручно оспособување и усовршување на офицери за служби на копнената војска на Армијата 2000-2001 во втората генерација на жени во Армијата.

Во Армијата работела во областа на логистика и била активно вклучена во проекти за развој и унапредување на опремувањето на Армијата, унапредување на логистичката поддршка на единиците на Армијата во мир и во воена состојба како и при упатување во мисии надвор од земјата.

Добитник е на медал за учество во мировната мисија „Одлучна поддршка“ и златна значка на Армијата за залагање во работата.

OhridNews