Македонската берза е под влијание на светската економска криза и директно ги чувствува последиците од рецесијата, сметаат финансовите експерти кои учествуваат на 10-та годишна Конференција на Македодонска берза што денеска започна во Охрид.


Експертите недвосмислено посочуваат дека на Македонската берза во 2009 година нема да има големи придвижувања, бидејќи странските инвеститори од кои директно зависат движењата на берзата оваа година ќе се воздржат од инвестирање и ќе се повлечат од периферните пазари, каков што е македонскиот. Но, од друга страна експертите исто така се согласуваат дека дел од случувањата на македонската берза се должат на нереалните предвидувања и покачувања на цените на акциите во 2008 година.


Доаѓа период на преиспитување на вредноста на акциите, бидејќи цените кои важеа за време на берзанскиот бум веќе не важат, вели првиот човек на Македонска берза, Иван Штериев.

Тој појасни дека прометот на берзата е сведен на ниво на 2004 година, а индексот на вредност на акциите е на ниво на 2005 година. Штериев кажа дека среденорочно Македонската берза треба да размислува на приклучување кон некоја регионална алијанса за да не остане локална берза. Според него движењата на берзите се циклични и сегашната состојба ќе се промени, но прашање е кога ќе се случи тоа.


Иван Штериев

Горан Петревски, доцент на Економскиот факултет во Скопје, смета дека сотојбата на Македонската берза сега се враќа во нормала, откако во 2008 година цените на акциите биле пренапумпани.


Горан Петревски

Она што се случуваше во изминатиот период на берзата воопшто не можеше да трае на долг рок и во еден дел сегашната состојба е враќање во нормала затоа што нереални беа предвидувањата на таканаречените експерти дека цените на акциите на компаниите кои котираат на Македонската берза не се реални и ќе растат уште најмалку 2-3 пати, рече Петревски.


Експертите владините антикризни мерки ги оценија како добри и очекувани, но искажаа воздржаност од прогноза како тие ќе влијаат на пазарот на пари.

Ohridnews