
Патешествијата на македонската експедиција што настапи на првенство во Грција во традиционалната јапонска борачка вештина со мечеви – кендо, започнале уште на границата.
– Грчките цариници не’ претресоа до гола кожа. Комплетно ни ја превртеа гардеробата и спортската опрема, барајќи обележја на нашата земја. Беа подготвени, но не најдоа ништо и по неколкучасовно малтретирање не’ пуштија да заминеме за Волос – раскажува Златко Кесковски, мајсторот за борачки вештини од Далечниот Исток и член на кендо-репрезентацијата на Македонија.
Со него во бронзениот македонски состав беа и Андреј Атанасовски, Менсур Бојда, Никола Балески и Матеј Јошевски.
Теророт на домаќините кон нашите репрезентативци, предводен од локалните власти на Волос, стасал дотаму што припадници на државната безбедност на Грција го следеле петочниот тренинг на „црвено-жолтите“.
– Не им беше по волја, бидејќи ние сме примени во европската федерација како Република Македонија. Се закануваа дека ќе не’ елиминираат, а ние возвративме дека ќе ги тужиме. Видоа дека немаат есап за инает, па не’ оставија – вели Кесковски. Македонија настапи под уставното име и со ознаката МКД. Спорот околу името го одложи почетокот на првенството за околу 2,5 часа.











