Во катедралниот храм Св. Софија, во Охрид, каде пред  45 години Светиот синод донесе одлука за возобновување на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, синоќа се одржа Свечена академија, со која продолжија чествувањата на овој историски јубилеј.

 
Свое обраќање имаа поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, и претседателот Иванов, кои  ја потенцираа важноста на одлуката за возобновување на Охридската архиепископија ги повика верниците и свештенството на зачувување на вековната традиција, богатото културно наследство и вредности.

-Иако денес овој историски чин е лошо разбран во дел од православието и отфрлен, сепак тој за нас и за повеќето православни цркви е реалност што е во соглассност со сите правила. Нека му служи на чест секому што поради својата духовна незрелост и политички интереси не дозволува оваа реалност да стане вистина, истакна во своето обраќање Архиепископот Стефан.


-Она што е создадено во македонските цркви и манастири е дел од светската културна ризница и сведочи за креативноста на македонскиот дух. МПЦ покрај пастирската има улога да го чува и културното и уметничкото богатство со кое располага. Тоа се разбира не е задача само на свештенството, туку и на сите мирјани, рече претседателот Иванов.

Јубилејот беше централна тема на Црковно народниот собор, што вчера се одржа во Калишта, струшко, на кој беше донесена Резолуција во која се оддава почит на учесниците на соборот во 1967 година на кој беше донесена важната одлуката, со која, као што беше речено, е исправена историската неправда од пред два века.

Во рамки на одбележување на јубилејот во црквата Св. Софија Охрид, денеска, ќе биде хиротонисан новиот викарен владика Јосиф Тодоровски.
Горан Момироски