Македонската православна црковна општина -МПСО „Св.Наум Охридски“ од Виена  стана сопственик на 1400м2 земјиште со 2 објекти кое се  наоѓа во центарот на австриската престолнина, пренесува „Ohridnews“.

Црковното земјиште МПЦО „Св.Наум Охридски“ го купи неодамна од диоцезата за сума од 400.000 евра. Одлуката за купување на земјиштето едногласно била донесена на годишното Собрание што се одржа на 21.03.2009, на кое било договорено овој имот да биде купен со доброволни прилози кои ќе бидат донирани од сите македонци кои живеат и работат во Австрија.

„Оваа иницијатива за купување на црковен имот е покрената уште во 1998 година кога не успеавме да ја реализираме замислата поради ветото кое го наметна грчкиот владика Стајкос во диоцезата“, вели Димче Лазовски – претседател на МПЦО „Св. Наум Охридски“ во Виена. Оваа одлука не не’ обесхрабри туку напротив ја продолживме иницијативата и по бројни контакти и  лобирања кај надлежните во диоцезата, кои траеа  10 години, успеавме  дефинитивно да ја реализираме замислата, додава Лазоски.

Од 1992 МПСО „Св. Наум Охридски“ за секој поголем верски празник во Виена поканува свештеник од Македонија кој богослужбите ги одржува во изнајмени цркви. Конечно со купување сопствен имот македонската заедница во Виена која брои повеќе од 300 фамилии, верските обичаи ќе може да ги изведуваат во православен храм кој наскоро ќе биде адаптиран. Црквата ќе го носи името на големиот светец Наум Охридски, а ќе биде осветена во септември.

Од формирањето до денес МПЦО „Св. Наум Охридски“ успешно функционира борејќи се за интересите на македонската заедница во Австрија. Паралелно со МПЦО регистрирана е и Македонската културна заедница која е одговорна за организација на културниот, образовниот и спортскиот живот на македонците. Покрај тоа, таа организира и дополнителна настава на македонски јазик за најмладтите Македонци, со што се одржува важна врска со родната земја на нивните родители.

Ohridnews