Во организација на Општина Охрид и Словенечко- македонскиот бизнис клуб, вчера во Охрид се одржа Бизнис ден за промоција на македонското и словенечкото стопанство.

-Формирањето на Словенечко- македонскиот бизнис клуб, во кој засега членуваат околу 110 компании, очигледно дека придонесе за интензивирање на контактите, договарање на заеднички проекти, промоција на нови компании, производи и инвестиции. Основите се поставени , па сега сите заедно треба да се ангажираме, соработката забрзано да расте и да има економски ефекти, кои на другите земји од регионот,треба да им покажат дека заеднички можеме да бидеме конкурентни и на трети пазари. -истакна градоначалникот на Охрид Александар Петрески на отворањето на Бизнис денот за презентација на македонското и словенечкото стопанство.

Според Петрески, клучни сектори за стопанската соработка меѓу двете земји се енергетиката,туризмот, прехрамбената индустрија, градежништвото, информатиката, фармацијата, логистиката и финансиите.

– Охрид е отворен и атрактивен за инвестирање во сите сектори, а посебно во  туризмотот. Очекуваме дека меѓу потенцијалните инвеститори од повеќе земји од светот, со кои веќе водиме преговори за изградба на елитни хотелски капацитети, ќе има и словенечки компании. Со предавањето на неизграденото градежно земјиште во сопственост на општините, се создаваат можности за побрзо и поефикасно договарање со инвеститорите, но се прошируваат и можностите за креирање на партнерски односи.Тоа значи дека сме подготвени да ги поддржуваме и иницијативите на претприемачите, кои Охрид  ќе го одберат како интересна и профитабилна бизнис дестинација- додаде градоначалникот Петрески.

На Бизнис денот присуствуваше амбасадорот на Република Словенија во Македонија Алан Брајан Бергант, кој истакна дека со
презентацијата на македонското и словенечкото стопанство во Охрид, се потврдуваат  добрите  политички и економски односи меѓу Словенија и Македонија, во кои посебно место има Охрид, кој, како што рече, бил и е посакувана туристичка дестинација за словенците.

Претседателот на Словенечко- македонскиот бизнис клуб Дамир Кудер истакна дека учеството на триесетина фирми од регионот на презентацијата на македонското и словенечкото стопанство на градскиот плоштад во Охрид, е показател за добра економска соработка.

Учесниците на Бизнис денот за промоција на македонското и словенечкото стопанство, ги претставија своите потенцијали на плоштадот „Св. Климент Охридски“.

Словенечко- македонскиот бизнис клуб е дел од македонската бизнис
заедница веќе 7-ма година, четврта година по ред е партнер со
словенечката Јавна агенција за странски инвестиции и претприемништво
ЈАПТИ, како и со словенечкото Министерство за економија, а во него
членуваат над 130 словенечки и македонски компании.

OhridNews