Со заложби на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје од следната академска година, македонскиот јазик ќе можат да го изучуваат сите студенти на Истанбулскиот универзитет, коишто се заинтересирани за македонистиката, информираат од Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК).
До сега, македонскиот јазик можеа да го изучуваат само студентите на Факултетот за литература, а од есен, преку нови предмети во четири семестри, македонистиката ќе можат да ја изучуваат студентите од сите факултети.
Минатата година, кога одбележавме 35 години од отворањето на лекторатот по македонски јазик во Истанбул, сè обврзавме дека соработката ќе ја продлабочиме и дека ќе продолжат вложувањата во зајакнувањето и афирмацијата на македонистиката на Истанбулскиот универзитет. Драго ми е што годинава, она на што се обврзавме следејќи го и заветот на Блаже Конески, веќе се остварува. Со можноста македонистиката да ја изучуваат студентите од сите факултети на Истанбулскиот универзитет, се покажува дека искажаната взаемна решеност не е само формална, туку суштинска, втемелена на одличната повеќедецениска соработка помеѓу двата универзитета, пред сè во сферата на македонистиката, истакна директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, по повод новите перспективи за македонистиката на Истанбулскиот универзитет.
Таа воедно и упати благодарност до своите колеги од Истанбул.
Радува фактот што за неколку месеци, преку новите предмети, на Истанбулскиот универзитет, заинтересираните студенти од сите факултети не само што ќе можат да го изучуваат и надградуваат знаењето на македонскиот јазик, туку на соодветно академско ниво потемелно да се запознаат и со севкупната македонска култура. Уверена сум дека нема да запреме тука, нагласува Мојсова-Чепишевска.
Програмите по новите предмети од областа на македонистиката се осмислени во насока на промоција и популаризација на македонистиката, при што сите заинтересирани студенти ќе можат потемелно да се запознаат и со македонската книжевност, филм, музика итн., во еден поширок културолошки контекст. Истовремено, на Факултетот за литература ќе продолжи наставата и по предметите коишто се изучуваа и досега, при што како учебници се користат изданија подготвени од МСМЈЛК при УКИМ.

Активностите на МСМЈЛК при УКИМ за зајакнување и афирмација на македонистиката на големите универзитетски центри продолжуваат, порачуваат од Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
OhridNews













