Македонскиот рубин, едно од уникатните природни богатства на земјава, влегува во нова фаза на институционална заштита, сертификација и меѓународна афирмација. За таа цел е формирана стручна Комисија која ќе работи на воспоставување јасен систем за негово препознавање, заштита и промоција, информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Целта е да се воспостави систем на сертификација и следливост со кој ќе се потврдуваат автентичноста и потеклото на македонскиот рубин, да се спречат можните злоупотреби на неговото име и да се создадат услови за негова посилна промоција во земјава и во странство.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска посочува дека заштитата на македонскиот рубин е дел од поширок процес за валоризација на минералното богатство на земјата.

Нашата цел е заеднички — Министерството, Владата, академската заедница, Универзитетот ‘Гоце Делчев’ и Геолошкиот завод — да направиме мапа на геолошките истражувања во Македонија. Разговаравме и за заштитата на корундот, односно македонскиот рубин, и можностите за негова промоција, како и за тоа кои други ресурси во државата можат дополнително да се заштитат, истакна Божиновска.

Во работата на Комисијата посебен акцент ќе биде ставен на стручната и научната верификација, дефинирањето критериуми за идентификација и сертификација, како и на создавањето механизми за заштита на неговото потекло.

Македонскиот рубин е разновидност на минералот корунд, препознатлив по карактеристичната малиново-розева боја. Неговата специфичност и ограничената географска распространетост му даваат посебно место во минералното богатство на Македонија.

Со воспоставувањето на системот за сертификација се очекува македонскиот рубин да добие поголема препознатливост и вредност, но и посилна меѓународна афирмација како автентично природно богатство со македонско потекло.

Г.М.

Извор и фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини I OhridNews