Туристичката понуда на Република Македонија за прв пат е претставена на саемот за туризам во Копенхаген, Данска. Како што информира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија на тридневниот саем, Македонија предизвикала огромен интерес кај данската публика како неоткриена дестинација од помладите, и вредна за посета дестинација од повозрасните кои пред многу години ја посетиле и сакаат повторно да дојдат во нашата земја.
Агенцијата за туризам при промоцијата на туристичката понуда на Македонија во Данска се фокусирала на природните убавини на земјава, вклучувајќи ги и спортските активности и гастрономијата, кои биле дополнително промовирани пред публиката од Данска.
– Интересот за Македонија од страна на данските тур¬оператори е неверојатно голем, па некои од нив уште во 2017¬та ќе ја вклучат нашата земја во нивната понуда, велат од агенцијата.
Како што е наведено во соопштението од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, данците користат пет до седум недели на одмор во текот на годината, а патуваат три до четири пати годишно, каде во просек трошат по 1.300 евра, со што се вбројуваат во една од нациите кои се најголеми потрошувачи кога е во прашање патувањето.
Преференците на Данците за сонце и спортски активности ја прави Македонија атрактивна дестинација за одмор која може да им понуди уникатни искуства, се додава во соопштението од Агенција за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.
OhridNews