Магазинот „Sky Life“ кој го издава најпознатата турска авио компанијата „Turkish airlines“ во месец август оваа година ќе објави репортажа за туристичките потенцијали на Македонија.
-Репортажата ќе го опфати богатото културно наследство и природните убавини на земјава, како и потенцијалите за вински, религиозен, активен, спортски и рурален туризам. Списанието „Sky Life“ се печати во 300.000 примероци и истото е достапно во сите авиони на оваа престижна авио компанија, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.
Од таму појасуваат дека претставници на „Turkish airlines“ и магазинот „Sky Life“ минатата недела биле во Македонија и оствариле средба со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски и директорот на АД „МЕПСО“ Синиша Спасов.
Освен претставниците на овој медиум, на оваа средба присуствувале и новинари на турскиот бизнис магазин „Bloomberg“, кој исто така ќе објави статија за туристичките, економските и инвестициските можности кои ги нуди Македонија во делот на туризмот.
Овие промотивни активности АППТ ги реализирала во соработка со економскиот промотор во Истамбул, Филиз Вели.
-Според статистичките податоци од 2013, најголемиот број на странски туристи во Македонија биле од Турција и се надеваме дека и оваа година ќе се задржат на првото место како земја од која имаме најголем број на посети, информираат од АППТ, потенцирајќи дека за да се зголеми бројот на странски туристи од Турција и од останатите странски земји потребна е континуирана организација и реализација на инфо тури за новинари и медиуми, кои се одличен инструмент за промоција на туристичките потенцијали на Македонија.
OhridNews