Квалификациите кои ќе се стекнуваат во сите степени на образование ќе имаат еквиваленти во квалификациите на ЕУ, со што дипломите на македонските граѓани ќе бидат вреднувани од европските работодавачи. Како што информира денес заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, по двегодишен процес Македонија успешно ја усогласи рамката на квалификации со европската – извештајот бил едногласно прифатен од Европската комисија во Брисел минатата недела и оценет како јасен и прегледен.

Ристовски рече дека е тоа важен чекор во македонското образование затоа што усогласувањето овозможува дипломите кои во иднина ќе се стекнуваат и издаваат во Македонија да имаат европски предзнак, со што ќе се гарантира дека квалификацијата е споредлива, односно дека постои и во Европската рамка на квалификации.

– Секоја стекната квалификација во образовните институции во земјава ќе биде препознатлива во европскиот образовен простор и пазарот на труд. Ова значи дека се олеснува процесот на признавање на домашните квалификации во странство и обратно, а тоа дополнително ќе ја унапреди мобилноста на пазарот на трудот, но и на студентите, учениците и нивните наставници. Вака поставена, рамката на квалификации ќе биде алатка за подесување на квалификациите, како за општествените и потребите на пазарот на трудот, така и за потребите за личен развој во контекст на доживотно учење на секој поединец, рече Ристовски.

OhridNews