Во касарната ,,Михаило Апостолски“ во Охрид, во четврток со почеток во 12.00 часот ќе се одржи свеченост по повод дочекот на контингентот на АРМ од составот на втората механизирана пешадиска бригада кој учествуваше во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.

На свеченоста за дочекот на контингентот на АРМ од мисијата ИСАФ ќе присуствуваат: Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Мирослав Стојановски, Командантот на Здружената оперативна команда на АРМ генерал-мајор Зоран Димов, Командантот на 2.мпбр полковник Методија Величковски, претставници на локалната самоуправа од градот Охрид, роднините на припадниците од контингентот и други гости.

АРМ во седмата ротација на мировната мисија ИСАФ во периодот од јули до 2009 година до јануари годинава, учествуваше со механизирана пешадиска чета од составот на 2. мпбр. Во овој период 149 ,,Леопарди“ заедно со најстариот национален претставник и тројца штабни офицери беа распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул. Како што е познато, припадниците на АРМ изминатите шест месеци задачите ги извршуваа во рамките на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство, каде што главна задача им беше безбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул. Покрај ова, мировниците на АРМ во Кабул извршуваа и други сложени задачи како што се: патролирање и обезбедување на воената база и објекти од витално значење за животот на населението во Авганистан, борбено обезбедување на комуникации и области и други задачи во зависност од потребите на мисијата.

За беспрекорното и професионално извршување на задачите, како и за покажаните компатибилност и нтероперативност со силите на Алијансата во мисијата ИСАФ, припадниците на АРМ од командата на ИСАФ и од високите командни структури на Алијансата, добија највисоки оценки.

Ohridnews