Македонските симпатизери на Манчестер Јунајтед ќе го обелат образот на Скопје, откако им понудија бесплатно сместување во своите домови на навивачите кои ќе дојдат да го бодрат клубот од Англија во дуелот со Реал Мадрид во рамките од Супер купот на Европа кој ќе се одигра 8 август на „Телеком Арената“.

Хотелиерите и приватните сместувачи го злоупотребија фудбалскиот спектакл во Скопје и цените за ноќевања ги кренаа „до небо“. Англичаните посебно реагираа за кревањето на цените, а пишуваа бројни медиуми од островот.

– Тоа е добар гест од луѓето во Скопје и другите градови, поради тоа што хотелите и останатите кои нудат сместување се обидоа да манипулираат со нас. Ова не се случило претходно во ниту еден град, а патуваме често со клубот. Реакцијата на граѓаните во Македонија за помош на навивачите кои ќе дојдат од надвор не изненади и сигурно ќе го обели образот на државата. – рече навивач на Манчестер Јунајтед за Тв 21, кој уште од сега е во Скопје.

Александар Зелениковски имал добар пречек кога го гледал својот омилен клуб на Олд Трафорд и сака на ист начин да возврати. – Да се покажаме како добри домаќини и некој од навивачите да посакаат повторно да дојдат во нашата земја. Нажалост се е вистина околу цените во хотелите и приватните сместувачи и низ контакт со навивачите од Англија делуваат многу разочарано.

Апел до хотелите и приватните сместувачи упати првиот човек на Скопје, Коце Трајаноски кој порача намалување на цените и разумност, да не дојде до контра ефект и навивачите да го одбегнуваат главниот град.

– Јавно апелирам до хотелите и приватните сместуваче да не претеруваат со цените и да држат до некоја нормала. Затоа што може да ни се случи најлошото и сите да го заобиколат Скопје и сето ова да изгубиме ние како град. – изјави Трајаноски.

Од Стопанската комора во Македонија потенцираат дека Пазарниот инспекторат треба да ги помини хотелите и приватните сместувачи кои си поиграле со гостите, односно со нивните резервации кои биле уредно направени.

Според информациите околу 10 000 на навивачи на „црвените ѓаволи“ ќе допатуваат во Скопје, а нешто помала бројка се очекуваат подржувачи на Реал Мадрид.

OhridNews