Македонската риболовна федерација е непријатно изненадена кога од централата во Марсеј, Франција стигнало известување за барање за промена на името на федерацијата. Во дописот потпишан од претседателот Марсел Ордан стои дека по реакција на грчкиот риболовен сојуз, Светската риболовна асоцијација (ЦИПС), бара од македонскиот сојуз да го корисити името и критериумите усвоени од страна на Меѓународниот олимписки комитет МОК.


Од 1991 година, во светската риболовна асоцијација примени сме под уставното име и на сите досегашни светски натпреварувања организирани од страна на (ЦИПС), сме настапувале под името Македонија и под македонското знаме. Наместо да славиме полнолество, “матура“, тие на враќаат во пелени  – вели Радован Димитриески од Македонската риболовна федерација.

Во соопштението стои дека Македонија, како членка на МОК, е примена под привременото име Поранешна Југословенска Република Македонија, и бараат во името на риболовната федерација да се вметне референцата.


–  Не знам што полошо може да се случи од ова, затечени и шокирани сме од ваквата реакција, но нема да останеме со скрстени раце  и ќе се обидеме со сите сили да го одбраниме нашето име
. – вели Димитриевски.

Светската риболовна асоцијација ја очекува реакцијата на македонската страна во случајот, деновиве се очекува да има итен состанок во федерацијата за да се одлучи какви понатамошни чекор ќе бидат превземени.

М.П.