
Општинската инспекција неодамна информираше дека последните аланизи на водата од изворите во Св. Наум извршени од македонски експерти утврдиле присуство на бактеријата ешерихија коли во изворите на Св. Наум. Според експертите причина за загадувањето е испуштање на непречистени отпадни води од хотелско-угостителските објекти во комплексот, но тие не ја исклучија можноста загадувањето делумно да се должи и на испуштање на отпадни води од пограничниот албански град Поградец. Официјална Тирана ја отфрла таквата можност, со образложение дека колекторот во Поградец е ставен во функција.

Тој информираше дека наскоро ќе започне изградбата и на преостанатиот дел од колекторскиот систем на Охридското Езеро од албанска страна каде живеат околу 4500 жители и нема индустриски капацитети. Мероли смета дека само со заедничка грижа може да се зачува Охридското Езеро кое според него треба да добие специјален статус.
– Потребно е да се формира заедничка администрација за заштита на Охридското Езеро, со што ќе се постигнат вистински ефекти во зачувувањето на животната средина, што ќе ја зголеми довербата на граѓаните во институциите, а со тоа и свеста за значењето на овој регион, вели Мероли.

Билатералниот секретаријат смета дека не треба да има никаков компромис со загадувачите на животната средина и секој извор на контаминација кој ќе биде откриен соодветно да се казни. Оттаму најавуваат дека многу брзо експертите ќе излезат на терен за да ја утврдат состојбата на водата во Св. Наум со цел да се утврдат евентуалните извори на загадување и да се изврши нивна санација.












