Директорот на Хидробиолошкиот завод во Охрид Елизабета Велјаноска Сарафилоска и директорот на Музејот на езерото Бива во Јапонија, Тори Шинохара, денеска потпишаа Договор за воспоставување научна соработка помеѓу двете институции.

Договорот, како што појасни директорката на Хидробиолошкиот завод, предвидува соработка со јапонската научна установа на две нивоа, научно истражувачко и музејско.

– Научно истражувачката дејност ќе биде насочена на заеднички испитувања на реликтните видови и староста на езерата, а музејската соработка предвидува постојана поставка на Охридското Езеро во Музејот на езерото Бива која ќе содржи историски артефакти и реплики коишто се поврзани со животот на мештаните во нашиот регион, како и историски реплики поврзани со Охридското Езеро. – изјави Елизабета Велјаноска Сарафилоска.

Директорот на Музејот на езерото Бива Тори Шинохара, истакна дека потпишувањето на договорот е прв чекор кон воспоставување поблиска научна соработка помеѓу двете институции.

– Договорот претставува почетна основа за соработка која во иднина ќе се продлабочува, а целите заеднички ќе ги до договараат научните работници на двете институции. – рече Тори Шинохара, директор на музејот на езерото Бива.

Езерото Бива е национално богатство на Јапонија заштитено со закон и меѓународни конвенции и организации, меѓу кои и УНЕСКО. Тоа е значаен воден ресурс кој со вода снабдува околу 15 милиони жители во префектурата Шига. Езерото е од тектонско потекло и се проценува дека е старо околу 4 милиони години. Се протега на површина од 670 километри квадратни и изобилува со жив свет. Тука живеат 58 ендемски видови, a тоа е и значаен природен резерват на илјадници водни птици. Поради исклучителното значење владата на Јапонија во 80-те години од минатиот век донела закон со кој заштитата на овој воден ресурс е подигната на највисоко ниво. 

Своите искуства во областа на заштитата на езерото Бива јапонските научници ќе ги споделат со македонските колеги.

-Езерото Бива се соочува со еутрофикација (стареење) и затоа се воведени силни мерки за заштита на животната средина, како што е забрана за внесување во езерото на азот и фосфор, благодарение на што степенот на квалитет на водата се зголеми. Подготвени сме нашите искуства да ги пренесеме на колегите во Македонија. – рече Тошики Фуџимура од Музејот на езерото Бива.

Заштитата на езерото Бива е позитивен пример, рече директорката на Хидробиолошкиот завод, посочувајќи дека поради проточноста и високата моќ за самопречистување водата во најголемото природно езеро во земјата се уште е со висок квалитет.

– Ние треба да сме среќни што го имаме Охридското Езеро и треба да го почитуваме ова природно богатство и да го чуваме. Неговата можност за самопречистување засега овозможува да опстанува вакво какво што е, но треба сите ние да придонесеме да го зачуваме за идните генерации. Истражувањата во централната зона укажуваат на се уште стабилна олиготрофна, односно чиста состојба на водата. Онаму каде што се јавува пониска класа на водата се работи за инциденти кои не можат да влијааат на квалитетот на езерската вода. – додаде Езлизабета Велјаноска Сарафилоска.

На потпишувањето на договорот присуствуваше градоначачкникот на општина Охрид Никола Бакрачески, кој истакна дека денешниот чин е од големо значење и ќе придонесе за размена на вредни искуства помеѓу двете научни установи. Бакрачески денеска во својот кабинет ја прими јапонската научна делегација која беше во придружба на колегите од Хидробиолошкиот завод од Охрид.

– Посетата претставува продолжување на соработката што ја воспостави амбасадата на РМ во Јапонија и амбасадорката Андријана Цветковиќ, на чија иницијатива започна овој процес на комуникација и соработка со музејот на езерото Бива. Општина Охрид активно се вклучи да ја поддржи оваа иницијатива на амбасадата на РМ и во изминатиот период од година и пол имаше интензивна кореспонденција за подготвување на овој меморандум за соработка чие потпишување ќе се случи непосредно после оваа средба. За таа цел ја користам оваа прилика да се заблагодарам на нашата амбасада и на господинот д-р Тори Шинохара, за напорите кои што ги вложија за да се оствари оваа соработка, за која што сметам ќе даде огромен придонес за понатамошниот истражувачки развој на оваа институција односно на Хидробиолошкиот Завод од Охрид – истакна по средбата градоначалникот Никола Бакрачески.

Потпишувањето на договорот помеѓу Хидробиолошкиот завод од Охрид и Музејот на езерото Бива го помогнаа Амбасадата на Република Македонија во Јапонија, Министерството за надворепни работи и локалната самоуправа на Охрид.

Г.М.