Книги, брошури, видеа и друг вид промотивен материјал за археолошките локалитети, цркви, градови, природни богатства на Република Македонија ќе бидат претставени на Берзата за археолошки туризам, која од денеска до 2 ноември ќе се одржи во градот Салерно, Италија.
Македонското претставување го организира Управата за заштита на културното наследство во соработка со музеите и заводи за заштита, општините, Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот и други установи.
Освен археолошкото ботатство на македонскиот штанд планирано е да бидат претставени и македонската традиционална кујна и нашите вина.
На берзата ќе учествуваат повеќе од 20 земји, меѓу кои Аргентина, Малта, Португалија, Словенија, Хрватска, Венецуела, Романија, Азербејџан и други.
Берзата за археолошки туризам во Салерно почнала да се реализира од 1997 година. Организаторите велат дека секоја година има неколку илјади посетители од целиот свет, стотици новинари, излагачи и претставници на УНЕСКО, ИЦЦРОМ и други организации. Во рамките на комплексната манифестација се вклучени промоција на културното и на природното наследство, предавања, дискусии и друго.
OhridNews