Утре, петок од 11 часот НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид ќе биде домаќин на културно – уметничка средба на која гости ќе бидат членови на Македонското културно – уметничко друштво на Истарската жупанија „Св Кирил и Методиј“ од Пула, Хрватска.

На средбата ќе биде промовирано севкупното творештво на Милена Златеска, претседателка на Друштвото со посебен осврт на збирката со македонски народни песни „Песна низ вековите“. Книгата има 1800 страници и е поделена во четири тома а Златеска е нејзин приредувач, велат од НУ Библиотека „Григор Прличев“.

Додаваат дека како и при посетата точно пред две години и утре во Прличевата одаја ќе настапат и нивната пејачка група и членови на литературната секција. Ним ќе им се придружат и неколку поети од Охрид.

Воедно, од Библиотеката потсетуваат дека Охрид и Пула токму на иницијатива на нашинци од овој град од пред една година се и збратимени градови.

OhridNews