Македонската полиција и Европол, започнаа да разменуваат доверливи информации од областа на безбедноста, согласно неодамна потпишаниот Договор за соработка на сите нивоа.

За операционализацијата на Договорот денеска разговараа министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и директорот на Европол Роберт Веинрајт, кои остварија средба во рамки  на Министерскиот форум за правда и внатрешни работи „ЕУ – Западен Балкан“ што се одржува во Охрид

-Очекуваме дека веднаш по ратификацијата на договорот од страна на македонското Собрание веднаш ќе може да почне оперативната соработка со Европол, што значи размена на сите видови податоци, вклучувајќи ги и личните податоци како податоци заштитени на највисок степен, истакна Јанкуловска.

Таа најави дека во периодот што следува ќе биде изработен заединички  акциски план, уште пред ратификацијата, со што практично договорот ќе може да се имплементира. 

Министерката Јанкуловска посочи дека Македонија е втората држава од регионот која покрај Хрватска има потпишано документ за оперативна соработка со Европол. Важноста  на документот е дотолку поголема што Европол е организација во која партиципираат држави од сите континенти и има најширока база на податоци поврзани со меѓународните кривични дела, додаде Јанкулоска.

OhridNews